Приоритет на ова Биенале е да се прикаже обичниот граѓанин, односно начинот на кој живее, комуницира, создава во просторот каде што архитектурата и урбанизмот се постојано присутни.
Александра Шекутковска, дипл.инж.арх. (Специјално за Порта3 од Бразил)
"АРХИТЕКТУРА ЗА СИТЕ: ГРАДИТЕЛСКО ГРАЃАНСТВО" под ово мото се отвори 9. Интернационално архитектонско Биенале во Сао Паоло, Бразил. Целосната презентација на проектите е со тенденција да се нагласи дидактичкиот аспект, насочен кон усовршување во одредена архитектонска и урбанистичка област, како и мислењето на креативната публика. Концептот е основан на дијалогот и на присуството на предлози и решенија, кои во себе содржат разновидни теми во однос на градот. Како препознатлив елемент на Биеналето во Сао Паоло се негува продукцијата на знање. Оваа карактеристика продолжува и во ова издание на интернационалните архитектонски проекти.
Целта на ова Биенале е да ги отвори и прошири видиците, и да создаде динамично биенале, кое се карактеризира со дијалози, со дебати на одредени теми, интерактивни предлози со публиката, и решенија кои можат да бидат аплицирани во реалноста. Исто така, целта е да се антиципираат одредени теми кои му помагаат на општеството во студиите на одредени теми поврзани со архитектурата и урбанизмот. Како веќе препознатливо архитектонско Биенале во Сао Паоло, тоа е, исто така, и генератор на знаење и образование.
Приоритет на ова Биенале е да се прикаже обичниот граѓанин, односно начинот на кој живее, комуницира, создава, се образува, работи, продуцира, каде се шета, и како се чувствува во пејзажот каде што архитектурата и урбанизмот се постојано присутни. Проектите се посветени на единката, на дефинирање на човекот и неговиот квалитет на живеење во урбаниот пејзаж. Од работното место до местото на живеење, од брзата авенија до плоштадот за релаксација, од училиштето до местото каде што треба да се сретнете со девојката/момчето, од болницата до транспортната станица, постојат експлицитни нераскинливи врски помеѓу архитектурата и урбанизмот. Приоритет претставува богатиот процес на симултани изложби, семинари, работилници и дебати, кои ги надминуваат корпоративните граници, формирање на мислења, продуцирање на знаење и освојување на градовите. Самите организатори истакнуваат дека организирањето на биенале со ваков формат и со одредена тема, претставува единствен начин да се постигне ефективност на интернационалниот карактер на проектите.
Граѓанинот како протагонист, треба да се препознае и да се пронајде себеси во секој прикажан проект, во секоја публикација, во секоја посета, каде самиот може да стане свесен за можностите што архитектурата и урбанизмот ги нудат за да ги организираат нивните места за живеење. Од објектите за домување до јавните простори, во кои граѓаните секојдневно се движат и комуницираат, и каде што можат да го почувствуваат своето постоење во контекст на градот. Можностите на архитектонските претпоставки, она што се случува при прикажувањето на овие проекти, може да ја зацврсти важноста на конструкцијата на фер и солидарно општество, општество кое може да постои во убав, ефикасен и самодоволен град.
Биеналето ќе биде отворено до 4 декември оваа година. Во рамките на Биеналето се презентирани следниве архитектонски проекти: "Баукултур – градителска култура" (Германија), "Градови и знаци" (Аргентина), "Конструкција и реконструкција за граѓанинот" (Чиле), "Архитектура за сите" (Колумбија), "Што го прави градот жив?" (Данска), "Нови пракси за Нујорк" (САД), "Метрополис ?" (Франција), "Случајна архитектура" (Холандија), "Модерните движења во Тел Авив" (Израел-Србија), "Италијанска архитектура и урбано заздравување" (Италија), "Современи простори" (Мексико), "Архитектура без архитект: јас, граѓанинот, остварувајќи се себеси" (Мозамбик), "Современа архитектура во Норвешка" (Норвешка), "Традицијата е иновација" (Португалија). Покрај официјалната изложба на проектите, каде што секоја земја ја додава можноста за директна комуникација и размена на идеи помеѓу архитектите и посетителите, во распоредот се предвидени и дизајн работилници, форуми со дебати, архитектонско кино, семинари и интервенции на различни места во градот. Маршутата, предвидена во градот на различни точки, е наменета да ги нагласи историските, современите, јавните и приватните простори во рамките на Сао Паоло. Посетителите се повикани да ја зголемат листата на овие архитектонски точки со свои предлози, за да се нагласи и природата на самиот контекст на Сао Паоло како метропола или модерниот Менхетн на Јужна Америка, кој без разлика на бескрајното урбано ткиво од облакодери, сè уште го има зачувано домашниот концепт кон граѓаниот што живее во него.